Каква позадина има измената на кривичниот законик? Експертите: Има политичка позадина, вклучувајќи го враќање на Груевски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со 48 гласа за, 36 против и еден воздржан, Собранието ги изгласа предлог измените на член 353 од КЗ, каде се предвидува намалување на казните за злоупотреба на службената должност од страна на функционерите. Во јавноста се покрена прашањето дали овие измени се прават со цел враќање на екс премиерот Никола Груевски . Екс пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски во SummerClick рече дека е зачудена зошто толку брзо се усвоија овие измени додека за Груевски вели дека сигурно има некаква поврзаност со него.

Дека овие измени на КЗ имаат политичка позадина убеден е и универзитетскиот професор Мерсел Биљали.

-Кога се во прашање лични интереси, и власта и опозицијата се заедно. И ѓаволот ги цитира божјите книги кога има некаков интерес. Очигледно е дека зад завеса се координираат интересите меѓу власта и опозицијата, вклучувајќи и олеснувања за Груевски и за себе“, изјави Биљали.

Од Антикорупциска се загрижени за начинот на носење на законот. Тие велат дека со ова не се придонесува за зајакнување на борбата против криминалот и корупцијата.

Реагираа и од групата Блупринт составено од здруженија кои се занимаваат со прашања од судството, од каде велат дека во предлог текстот воопшто не е наведено зошто се намалуваат казните. Инаку порталот sdk.mk цитирајќи анонимни извори од власта, пишува дека овие експресни измени на КЗ се на барање на екс премиерот Груевски, кој би и обезбедил на власта да стигне до 80 потребни гласа за уставите измени. Пред неколку дена, премиерот Димитар Ковачевски не кажа точно колку пратеници недостигаат за обезбедување на бројката од 80 гласа но беше убеден дека на крајот, ниеден пратеник нема да отсуствува за уставните измени.