Калас: Однесувањето на САД кон ЕУ и Украина се промени по разговорите со Русија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас изјави дека желбата на Брисел да соработува со Вашингтон се заснова на принципите за кои САД отсекогаш се залагале, а тоа се слободата и независноста, односно основните принципи на меѓународното право, истакнувајќи дека САД го промениле своето однесување кон Европа и Украина по средбата на американската делегација со руската делегација.

Калас за Си-Би-Ес изјави дека ЕУ заедно со САД предложиле резолуција за поддршка на Украина за која се гласаше во Обединетите нации минатата недела и која предвидува повлекување на руските трупи, но дека Вашингтон го променил ставот по разговорите со руската делегација и гласал против усвојувањето на таа резолуција.

„За нас беше изненадување што САД наеднаш ја сменија својата позиција. Морам, знаете, навистина да истакнам дека заедно со новата администрација на САД, подготвивме резолуција за поддршка на Украина. Но, кога тие се сретнаа со Русите, нешто се случи потоа, бидејќи однесувањето се смени. Значи, прашањето е што понатаму? Нашата волја и желба е да работиме заедно со нашите трансатлантски партнери кои САД секогаш ги застапуваа“, изјави Калас.