Камбовски: Оставките не се реформи – „Новите членови на Судски совет нема да донесат ништо ново“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај изгласувањето недоверба на дел од членовите на Судскиот совет од страна на пратениците, претседателот на оваа институција Александар Камбовски вели дека оставките воопшто не се решение. Во земјава 30 години се спроведуваат реформи во судството, но нема никакви резултати, а довербата во судството е минимална. Камбовски е со став дека треба да се промени начинот на кој што се прават тие реформи како и да се добие финансиска независност.

-Оставките не се реформа. Судскиот совет е скоро целосно променет. А доколку сакаме вистина некоја реформа да направиме, реформата се прави на друг начин, со промена на закон, со намалување на мандат, со депрофесионализација на Судски совет, Обвинителски совет, а само персонални промени, со тоа нема ништо. Која ви е гаранцијата дека новите членови кои што ќе дојдат ќе бидат подобри, изјави претседателот на Судски совет, Александар Камбовски.

Претседателот на Здружението на судии Иван Џолев пак се пожали дека во судовите има мал број на кадри, а голем број предмети, но и на слабото финансирање.

-Недостигот на судии на судски служби, финансиската независност, создаваат проблеми во смисла на кадровски решенија. Знаете ние имаме секоја година се поголем број на прилив на предмети, а се помал број на судски службеници и судии. Едно со друго не оди. Ако сакаме ефикасно судство мора да се вложува во истото мора да се инвестира, изјави претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев.

Новиот закон за Судски совет треба да биде готов до јуни годинава а во него треба да бидат адресирани и препораките од Оценката мисија. Овој закон инаку е дел од реформската агенда во делот на правосудството одобрен од Европската комисија.