Камион со помош веќе на пат кон Турција – Тетово и Гостивар се солидаризираат со Турција и Сирија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Земјотресот во Турција и Сирија ги мобилизираше Тетово и Гостивар за собирање помош за погодените граѓани. На плоштадот во Тетово, општината и хуманитарните здруженија отворија штанд на кој може да се донира разновидна хуманитарна помош која потоа ќе биде испратени во погодените подрачја од природната непогода.

„Акцијата за собирање помош за Турција и Сирија почна од вчера. Од 10 часот наутро до 6 попладне имаше голем наплив на граѓани. Акцијата продолжува и денеска и секој ден Комисијата формирана од Советот на општината заседава и одлучува како ќе продолжи целата организација“, вели Илир Мустафаи.

Вчера неколку камиони со помош од Гостивар се упатија кон Турција.

„Со пријателите почнавме пред два дена и имаме голем интерес. Благодарност до цел Гостивар. Од денеска не прифаќаме облека бидејќи не сме во можност да ги испратиме. Ќе продолжиме со финансиска помош, кој може финансиски нека помогне“, додаде Харбин Несими.

Активистите апелираат граѓаните да не донираат работи кои само сакаат да ги „фрлат“ од своите домови. Во Тетово се разгледува опцијата да не ги прифаќаат старите и непотребни алишта, а најпотребни се алишта за деца.