Идејата за членство на Канада во Европската Унија, колку и да звучи неверојатно, зема замав во последните години. Иако е повеќе стратешка фантазија отколку реален план, самата дискусија открива како глобалните геополитички потреси ги преобликуваат традиционалните сојузи и врски.
Потеклото на оваа идеја датираат од 2017 година, кога стапи на сила револуционерниот трговски договор CETA, со кој беа отстранети речиси сите царини меѓу Канада и ЕУ. Последниве недели оваа приказна, која секогаш била на ниво на теорија, се засили. На почетокот на февруари, Доналд Трамп воведе царини за сите стоки увезени од неговите три најголеми трговски партнери – Кина, Мексико и Канада. Тој објасни дека САД ќе воведат царини од 25 отсто за Канада и Мексико и 10 отсто за Кина почнувајќи од почетокот на февруари.
Воведените тарифи, како и идејата или заканата, во зависност од кој агол гледате, дека Канада може да стане 51-та држава на САД, натераа многумина да почнат да размислуваат за алтернативи. Така, повторно се разговара за можноста Канада да ги зајакне врските со Европа (која исто така е нападната од царините на Трамп), па дури и да стане дел од ЕУ.
За Европската Унија, Канада претставува атрактивен партнер, и тоа не само поради нејзиниот економски потенцијал – таа е земја со огромни резерви на критични минерали, стабилна демократија и веќе постоечки културни врски низ франкофонските провинции.
Канада преку евентуално членство би станала првата неевропска членка на ЕУ, што трајно би ја променило нејзината позиција во светскиот поредок. Сепак, правните проблеми се неизбежни. Членот 49 од Договорот за ЕУ јасно вели дека членството се однесува на „европските држави“, а Канада географски е надвор од таа рамка.
Канада, како северноамериканска земја, технички не го исполнува условот. Слично како и Мароко чија идеја била отфрлена во 1987 година.
Сепак, правни експерти посочуваат дека секое зближување ќе бара редефинирање на основните принципи на Унијата, што би предизвикало отпор како Франција и Полска, кои инсистираат на зачувување на европскиот карактер на ЕУ.
