Бугарија не го крши договорот туку, и помага на Македонија, ова денеска го изјави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов по вчерашното вето од бугарска страна. Тој повтори дека бара да се потпише Анекс договор во кој треба да се наведе дека историјата и македонскиот јазик имаат бугарски корени.
„Ние се обидуваме да ги поддржиме да ги постигнат критериумите од кои едниот е решавање на двостраните проблеми со соседите но тие немаат желба за тоа. Така што ние го исполнуваме Договорот. Историјата, јазикот и културата на населението во географската област Македонија до 1944 година е дел од бугарската култура и историја и оттука работите се многу јасни и се решаваат брзо“, вели Красимир Каракачанов.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на денешната онлајн конференција на Здружението на преведувачи рече дека македонскиот јазик ќе ужива статус на официјален јазик на Европската унија во моментот кога ќе станеме полноправна членка. На истата конференција се обрати и евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Јазичната разноликост е вклучена во европското право и во Повелбата на основните права на Европската унија и во Договорот за основање на Европската унија. Соживотот на јазиците во Европската унија е моќен симбол за аспирациите на Европската унија за единство преку разноликост“, посочува Дејвид Гир.
Американскиот дипломат Џејмс Пердју поранешен амбасадор во Софија и добар познавач на балканските состојби за бугарската БНТ изјави дека би било штета Бугарија да го стопира членството на Македонија во Европската унија.
„Знам дека е примамливо Бугарија да се обиде да ја искористи својата позиција како членка на Европската унија, додека Северна Македонија се обидува да добие членство. Но не сум сигурен дали вреди да се создаде непријателство меѓу владите на двете земји и нивните народи“, вели Џејмс Пердју.
На вчерашниот состанок на КОРЕПЕР кога Бугарија го даде првото вето за почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија, бугарскиот амбасадор Димитар Цанчев изнел три услови за ваквиот чекор. Тој оценил дека Европската комисија има необјективни позитивни оценки за добрососедските односи со што бара да има посебно преговарачко поглавје а земјите членки да гласаат во изготвувањето на овие оценки што би отворило можност Бугарија да има право на повторно вето. Потоа Цанчев навел дека Бугарија инсистира на употреба на официјалното уставно име Република Северна Македонија а не краткото име. Во однос на употребата на терминот македонски јазик Цанчев навел дека тоа е неприфатливо.
„Употребата на терминот македонски јазик за нас е неприфатлива бидејќи создавањето на овој јазик е врз основа на еден од бугарските дијалекти и е еден од основните инструменти за претворање на Бугарите од Вардарска Македонија во Македонци“, порача Димитар Цанчев.
Со критики за начинот на кој се преговара со Бугарија се јавија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Шарлатанското однесување од типот на „домат дипломатија“ и „љубави, како си, те поздрави Зоки“ излезе на виделина и конечно сигна поздравот до Зоран Заев и Владата за нивната несериозност некапацитетност, некадарност и негрижа кон државата“, посочи Димче Арсовски.
Со анализа излезе и Меѓународниот институт ИФИМЕС во кој се наведува дека Европската унија а првенствено Германија мора да го запрат пристапот на Бугарија кон Македонија и Македонците како народ со свој македонски идентитет и јазик, бидејќи како што предупредува тоа може да доведе до нови кризи. Во анализата се наведува и дека е незамисливо во 21 век однесувањето на Бугарија која е членка на НАТО и ЕУ да го оспорува идентитетот и јазикот на својот сосед.
