Касами и Ибрахими без контра-одговор – Тачи убеден: Беса излегува, Алтернатива влегува во Влада

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи синоќа во „Клик Плус“ рече дека Биљал Касами заедно со останатите од Движење Беса треба да си заминат од Влада.

Како што објаснува, ДУИ и ДПА склучиле договор кој има неколку анекси, меѓу кои е и заминувањето на Касами од Влада, бидејќи, како што вели, лидерот на Беса го прекршил начелото за поддршка меѓу владините партии во вториот круг од локалните избори.

Мендух Тачи: Мојот став и ставот на ДУИ е дека ваквото однесување на Биљал во вториот круг треба да се казни со негово заминување од Влада.
Н: Како ќе ги обезбедите бројките?
М.Т.: Со Алтернатива. Биљал треба да си замине од Влада поради некоректен однос.

И покрај обидите на ТВ21, лидерот на Беса, Касами, одби да даде коментар на ваквата изјава на Тачи.

„Мислам дека нема потреба од коментар. Извинете, но не вреди“, истакна Биљал Касами.

Тачи уште еднаш повтори дека Беса ќе излезе од Влада и дека на нејзино место ќе дојде опозициската Алтернатива. Дури рече дека има договор за тоа.

„Алтернатива дефинитивно направи договор за да биде дел од Владата, а оној кој го гарантира овој договор е г.Ахмети, бидејќи тие не му веруваат многу на г.Заев. Не е Зекирија или другите кои зборуваат во името на Алтернатива, туку договорите ги прави „баткото““, посочи Мендух Тачи.  

И Алтернатива одби да се произнесе околу тврдењата на Тачи.

„Синоќа беше забавно, сите се смеевме. Нема потреба да се смееме уште еднаш“, вели Зекирија Ибрахими.

ТВ21 уште еднаш праша – дали Алтернатива ќе влезе во Влада, но повторно не добивме конкретен одговор.

„Ве молам, не зборуваме за хумор, туку за политика“.

Тачи додаде дека како резултат на овие промени на политичката сцена, од 1 ноември Беса ќе се претопи во СДСМ, на ист датум Алтернатива ќе се претопи во ДУИ, а Алијанса за Албанците повторно ќе се врати во ДПА.