Пазарниот инспекторат казни 4 фирми, 3 од Скопје и 1 од Куманово, бидејќи лебот го продавале по цена повисока од 33 денари. Александра Котели од Инспекторатот посочи дека казните се многу високи, над 300 илјади денари.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, во неговиот фејсбук профил ја објави одлуката на Владата за заштита на потрошувачите.
„Со оваа одлука се определува обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговски дејности во соодветен регистар согласно со закон, како и трговските кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб или полубел (сечен на парчиња или цел)“, вели Крешник Бектеши.
Државниот пазарен инспекторат во последните два дена изврши контроли на повеќе од 400 стопански субјекти низ државата и утврди дека генерално се почитува одлуката за замрзнување на цената на лебот од 450 грама по 33 денари. Но, и покрај тврдењата на инспекторатот, голем број маркети немаат бел леб на полиците по цена од 33 денари. Во медиумите, но и на социјалните мрежи постојано сме сведоци дека пекарите не произведуваат ваков леб, а всушност дури и самите пекари го потврдуваат тоа. Најголем проблем има во Скопје, а во другите градови цената на лебот е ниска.
