Опцијата за ново парламентарно мнозинство или предвремени избори и натаму останува за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој вели дека се уште се преговара со некои пратеници и како што вели, набргу ќе се знае дали ќе има промени во владејачкото мнозинство, но не сакаше да открие со кои партии води разговори.
„Бидете трпеливи многу брзо ќе знаеме дали јас сум бил во право или Зоран Заев. Бидете трпеливи, можеби има политички партии кои што се дел од коалицијата на СДСМ.“ рече Мицкоски.
Но премиерот Заев, во одговор за ТВ21 вели дека е убеден дека ќе нема поместувања во владејачкото мнозинство.
„Јас мислам дека е стабилно мнозинството. А ако Мицкоски вели дека непријатно ќе бидеме изненадени тогаш останува да почекаме и да видиме.“, вели Заев.
Сепак, пред неколку дена СДСМ го изгуби мнозинство во општина Радовиш откако Партијата за движење на Турците одлучи да ја напушти коалицијата на локално ниво во оваа општина. Енес Ибрахим од оваа партија за 360 степени изјави дека како пратеник останува во парламентарното мнозинство но, нивната одлука дали ќе продолжат во коалиција со СДСМ ќе ја донесат на Конгрес.
„Ние се боревме против режим и сега нема да дозволиме некои локални шерифи да го газат достоинството на Турците во земјава. Како пратеник, засега останувам во парламентарното мнозинство, ама за понатаму се отворени сите опции. Наскоро треба да донесеме одлука за одржување партиски конгрес, пред локалните избори, каде што ќе се носи и одлука за тоа дали остануваме дел од владејачката коалиција.“, вели Енес Ибрахим, пратеник на ПДТ.
Дали Мицкоски калкулира токму со пратеникот од редовите на Партијата за движење на Турците не сакаше да открие.
„Не би сакал сега во моментот да зборувам работи за кои што е потребна, верувајте голема дискреција за да може целта да биде остварена. А целта е оваа Влада да падне.“, рече Мицкоски.
Пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бројат 44 пратеници, а заедно со опозициската Алијанса за Албанците со 8, потоа Алтернатива со 4 и двајцата пратеници од Левица вкупно имаат 58 пратеници, а за ново парламентарно мнозинство потребни им се уште тројца пратеници.
