Барањето на ДУИ за одржување предвремени избори заедно со локалните во октомври не наиде на прифаќање од партиите. Од ВРЕДИ повторија дека со ова интегративците прават терен за бојкот на локалните избори, за како што велат, да го избегнат поразот. Од оваа коалиција велат дека со партијата на Ахмети од далечина управува Артан Груби.
„Ова е нивната последна карта, бидејќи знаат дека Албанците веќе не им веруваат. Самиот Али Ахмети призна од Липково: ДУИ подготвува бојкот на локалните избори! Што покажува ова? Дека ДУИ нема ниту идеи, ниту програма, ниту нови луѓе – туку само страв од уценување. Дали Артан Груби е авторот на сценариото за бојкот на локалните избори“, велат од Вреди.
Ниту за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив ваквиот повик на ДУИ, велат дека тие не се повеќе фактор за да повикуваат на предвремени или пак на бојкот.
„Фокусирани сме на локалните избори. ДУИ може да повикува на што сака, меѓутоа ДУИ повеќе не е никаков фактор во оваа држава за да повикува на бојкот или на било што. Имаа можност повеќе од 20 години да направат многу работи за државата кои што за жал не успеаја да ги направат, така што, како што кажав ние сме фокусирани на реализација на нашата програма како Влада“, вели Бране Петрушевски.
ДУИ да прифати дека е опозиција и да сфати дека не е во состојба да поставуваа било какви услови, порачуваат од СДСМ.
„Ставот кој што го има истакнато ДУИ во моментов значи дека мора да се помират конечно дека се опозиција и да делуваат како опозициона партија, да даваат свои ставови на клучни прашања и секако кога ќе дојде соодветно време ќе има и парламентарни избори. Во моментот тие не се во состојба да поставуваат било какви услови или да го диктираат темпото на политичкото делување во државата“, вели Сања Лукаревска.
Деновиве Ахмети на обраќањата што ги одржува при средби со граѓаните повикува на предвремени избори во октомври заедно со локалните и бара ВРЕДИ да ја напушти Владата. Локалните избори се очекува да бидат закажани за првата половина од октомври.
