Ќе има ли договор за законот за државјанство? Заев неделава повторно на средба со Алијанса/Алтернатива

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Во текот на оваа недела најверојатно ќе биде извесно дали ќе има договор околу законот за државјанство. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека во наредните неколку дена треба да има средба со пратениците на коалицијата Алијанса Алтернатива, а вечерва е на средба со министрите за внатрешни работи и за правда Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ.

„Имам конечен состанок со министерот за внатрешни работи и за правда и со другите соодветни институции за да го заклучиме тоа што беше наша обврска од првата средба за прифаќањето,м сугестиите од страна на двете опозициони партии Алијанса за Албанците и Алтернатива и за да можеме веќе среда-четврток или петок да го закажеме состанокот согласно кој, нормално очекувам да изнајдеме трајно решение за добивање државјанство на оние наши граѓани кои што немаат“, рече Заев.

Заев воедно упати апел до пратениците да ги повлечат амандманите и со тоа да го деблокираат Собранието за да може да се усвои петтиот пакет мерки за помош на сите оние кои се најпогодени со Ковид кризата. Но градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари кој е од редовите на Алијанса за Албанците во вчерашната емисија Клик плус на ТВ21 рече дека немаат намера да го деблокираат парламентот се додека претходно не биде донесен законот за државјанство.

Таравари: Со премиер кој ги менува ставовите двапати, трипати, дури и петпати на ден нема да му веруваме…. ние го изготвивме законот..
ТВ21: Дали ми велите дека без да се изгласа Законот за државјанство нема да го деблокирате Собранието? Така?
Таравари: Апсолутно. Ние бараме да изнајдеме решение за законот и да се стави на гласање. Ние бараме решение, да видиме дека имаме согласност од сите пратенички групи, дека законот ќе помине или пак, да имаме најмалку 61 глас за да го изгласаме. Така ќе го решиме проблемот. Немаме комплекс законот да се нарекува – законот на АА-ААА, нека се нарекува и закон на СДСМ и ДУИ.

Шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие ќе го чекаат исходот од средбата меѓу Заев и Алијанса и Алтернатива, па потоа ќе одлучат како ќе постапат, но сметаат дека без оглед на исходот, не треба да се блокира 5-от пакет мерки.

„Да почекаме уште ден-два да видиме каков е тој договор, не знам каков е тој договор без да го консултираат ВМРО-ДПМНЕ, но во ред еве решиле да постигнуваат договор, да видиме каков е тој договор па потоа ќе ми дозволите да се произнесеме. Но по овој текст, овој закон еве јас им понудив на пратениците во парламентот од различни политички партии да се произнесат. Ќе дојде на гласање ќе се произнесат пратениците ако има 61 поддршка овој закон ќе се усвои, ако нема поддршка од 61 пратеник нема да се усвои.“, рече Мицкоски.

Предлогот на Алијанса и Алтернатива е закон кој ќе одобри давање на државјанство со тројца сведоци. Но вакво решение е неприфатливо и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ. Заев пред една недела на средбата со албанската опозиција рече дека ќе продолжат да бараат решение кое ќе биде во согласност со европските регулативи.