Ќе има ли избори во три општини?! Во среда ќе се знае дали власта има двотретинско мнозинство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од среда ќе биде појасно дали ќе се организираат предвремени локални избори во општините Аеродром, Гостивар и Сарај, но и дали владејачкото мнозинство успеало да обезбеди 80 гласови „за“. Пред пратениците наскоро ќе се најдат законските измени со кои би се овоможило в.д. градоначалниците на општините да продолжат да раководат до редовните избори. Сепак, освен двотретинско, за овие измени е потребно и Бадентерово мнозинство.

„Измените на Законот за локална самоуправа се ставени како точка на дневен ред за седницата која е закажан за 11-ти месецов, тоа е во среда и очекуваме да се изгласа потребата од носењето на овој Закон, а веднаш потоа согласно Деловникот да се запазат сите процедури. Очекуваме поддршка од сите политички партии, затоа што цениме дека овој Закон е рационален и ги намалува трошоците на граѓаните и на државата.“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски вели дека се гради став на ниво на партија и до утре се очекува тој да биде познат и за јавноста. Засега во јавноста не е споделен ниту ставот на ДУИ, чиј кадар ја предводи општината Сарај, а од партијата неодамна информираа дека ќе се произнесат откако измените ќе бидат внесени во Собранието. Претходно, пратеници од Европскиот фронт, поконкретно од Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села, истакнаа дека нема да поддржат закон кој оди во прилог единствено на Арбен Таравари.

„Ставот на Алијанса за Албанците дефинитивно е „не“ – вели Илире Даути.

ТВ21: На Алијанса за Албанците… но во Фронтот сте го дискутирале прашањето?

Даути: Во Фронтот имаме дискутирано, но се уште немаме одговор како се определени другите партии во рамките на Фронтот. Не дека не сакам да кажам, но навистина немаме еден став до овој момент.“

На предлог измените се потпишани координаторите од мнозинството, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Халил Снопче од коалицијата ВРЕДИ и Бобан Карапејовски од ЗНАМ и се доставени по скратена постапка. Темата се актуелизираше откако градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари стана министер за здравство, Тимчо Муцунски од Општина Аеродром е назначен за министерството за надворешни работи, додека пак првиот човек на Сарај, Блерим Беџети од ДУИ, кариерата ја продолжи како пратеник. Неодамна премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека владејачкото мнозинство е стабилно и неофицијално има поддршка од повеќе од 80 пратеници.