Ќе има ли консензус минус еден во ЕУ? – Захариева: Македонско малцинство нема, но Бугари во Македонија има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Блокирањето на почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија од страна на Бугарија ги натера членовите на Советот на амбасадорите на нашата земја да предложат да се смени начинот на одлучување, односно да не е потребен целосен консензус. Во соопштението што го лиферуваа до јавноста се вели дека Советот на амбасадори изразува големо разочарување што во моментов се блокирани пристапните преговори со Европската унија, поради, како што велат, непринципиелните ставовите на Република Бугарија.

„Унапредувањето на добрососедските и на регионалните односи се суштински дел на евроинтегративните процеси. Затоа, Советот на амбасадори во својата идна активност ќе ја афирмира оваа високо поставена цел на политичката агенда на нашата земја и особено ќе ја поттикнува идејата за модернизирање на механизмот на одлучување во Европската унија, врз принципот „консензус минус еден“, велат од Советот на амбасадори.

Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и денеска продолжи со своите тврди ставови и рече дека без гаранции нема преговори за Македонија. Одговарајќи на пратенички прашања во бугарскиот парламент рече дека во Македонија имало јазик на омраза и дека и натаму се инсистира на македонско малцинство во Бугарија. Но, од друга страна пак, зборува за Бугари во Македонија.

„Има текст за еднострани обврски од страна на Република Северна Македонија за тоа дека нема да има никакви претензии за, нели, таканареченото македонско малцинство во Бугарија. Бугарската влада беше таа влада која за прв пат создаде специјална програма за помагање или за финансирање на здруженијата на Бугарите од другата страна на границата“, истакна Екатерина Захариева.

Деновиве специјалниот претставник во разговорите со Бугарија Владо Бучковски имаше средба со бугарскиот државен врв, а вчера на средбата со премиерот Бојко Борисов рече дека му носи нон-пејпер кој, како што истакна се однесува на тоа дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија.