Ќе има ли нова трка за Шилегов и Трајановски?! – Шилегов: Подолго време не се занимавам со ВМРО-ДПМНЕ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

СДСМ ја потврди повторната кандидатура на Петре Шилегов за градоначалник на Град Скопје, но се шпекулира дека кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе биде екс-градоначалникот Коце Трајановски.

Стапивме во контакт со Трајановски, но тој во кус телефонски разговор ни рече дека не знае дали ќе се кандидира, бидејќи, како што објасни, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ги прави анкетите околу потенцијалните имиња.

Не ни откри ниту дали по 4-годишна пауза има желба да се врати на чело на Скопје.

Сегашниот градоначалник Шилегов нема коментар околу можната кандидатура и трка со Коце Трајановски. Вели дека веќе подолго време не се занимава со ВМРО-ДПМНЕ.

Во 2017-та година на локалните избори СДСМ се тркаше со Шилегов, а ВМРО-ДПМНЕ со Коце Трајановски. Шилегов победи со 50, 32 отсто освоени гласови, а неговиот противкандидат освои 36,18 отсто од гласовите.

Од друга страна, независна советничка листа најавија и неколку еко-активисти. Кон нив Шилегов се покажа поблаг, велејќи дека ја поздравува секоја иницијатива која дава придонес за развој на демократијата.

Инаку, како дел од неговите градоначалнички активности, Шилегов денеска означи пуштање во употреба на реконструираниот и проширен булевар „Никола Карев“. По седум месеци завршија градежните зафати, па возачите од касарната „Илинден“ до Момин Поток, ќе возат по булевар. Проектот за проширување и реконструкција на оваа делница се реализираше во две фази, a градежните работи се во вкупна должина од 980 метри.