Откажан ви е летот? ЕУ воведува нови правила за рефундирање на парите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европскиот парламент усвои нови правила за зајакнување на заштитата на патниците во случај на откажување или прекин на патувањата, со кои треба да се олеснат постапките за враќање на парите и барање надомест на штета, пренесува „Ројтерс“.

Новите правила беа усвоени вчера вечерта со 652 гласа „за“, два „против“ и осум воздржани.

Тие предвидуваат унифицирани обрасци за барања за рефундирање и компензација, кои ќе бидат достапни на веб-страницата на Европската комисија на сите официјални јазици на Европската Унија.

Една од главните промени се однесува на патниците кои купуваат авионски билети преку туристички агенции или интернет-платформи за резервации.

Во случај на откажување на летот, тие ќе имаат право на целосно враќање на парите во рок од 14 дена, вклучувајќи ги и посредничките провизии.

Според новата постапка, авиокомпанијата ќе треба да ги префрли средствата на агенцијата или платформата во рок од седум дена, а посредникот ќе има уште седум дена да му ги врати парите на патникот.

Доколку посредникот не ја изврши уплатата во предвидениот рок, авиокомпанијата ќе мора да интервенира за да се обезбеди рефундирањето.

Туристичките агенции и платформите за резервации ќе бидат обврзани уште при купувањето на билетот да ги информираат патниците за начинот и роковите за враќање на парите.

Новите правила треба да го олеснат и поднесувањето барања за компензација. Патниците ќе можат да користат заеднички обрасци за да побараат враќање на средствата или соодветен надомест, наместо да се соочуваат со различни постапки кај секој превозник.

Друга промена се однесува на лицата со попреченост или намалена подвижност. Кога е неопходна придружба, лицето што ги придружува ќе може да патува со авион без дополнителна наплата. Такво право веќе постои и кај некои други видови превоз.

Покрај тоа, националните власти ќе добијат пошироки овластувања за контрола на почитувањето на правата на патниците. Тие ќе можат да започнуваат проверки и истраги и без претходно да чекаат жалба од граѓаните.

Новите правила ги опфаќаат правата на патниците во воздушниот, железничкиот, поморскиот и патниот сообраќај, како и во превозот по внатрешните водни патишта.

Сепак, измените треба формално да ги одобри и Советот на Европската Унија пред да бидат објавени во Службениот весник на ЕУ.

Според медиумските извештаи, се очекува правилата да почнат да се применуваат од 23 октомври 2027 година.

Усвојувањето е дел од пошироките напори за зајакнување на правата на патниците во Европа, со цел постапките за враќање на парите да бидат појасни, а обврските на транспортните компании поефикасно да се спроведуваат.