По интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути од Европскиот фронт за ТВ21 изјавија дека до среда коалицијата ќе одржи средба и ќе одлучат што ќе прават, дали Даути ќе остане на таа функција или пак ќе предложат друг кандидат на чело на Комисијата. Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села со став дека таа ќе остане претседателка на Комисијата. Даути денеска се јави со кус коментар во кој вели дека нејзината интерпелација е по диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
„Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме“, вели Илире Даути.
Иако се очекуваше дека денеска на координацијата кај претседателот на Собранието Африм Гаши ќе се отвори прашањето за неговиот став дека интерпелацијата нема извршно дејство, партиски извори велат дека за тоа воопшто не станало збор и дека на неа не присуствувале координаторите од пратеничките групи од албанскиот блок.
Од Кабинетот на Гаши го повторија неговиот став за тоа дали интерпелацијата значи и разрешување на Даути.
„Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, велат од Кабинетот на Гаши.
Вицепремиерот Изет Меџити пак вели дека Даути ќе продолжи да ја извршува функцијата.
„Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисијата и ќе остане претседател на Комисија. Ние имаме многу забелешки можеби за Илире Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и ќе ја поддржиме“, вели Изет Меџити.
Од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ остануваат на ставот дека со изгласувањето на интерпелацијата Даути е разрешена од функцијата претседателка на Комисијата за социјална политика.
„Мислам дека ставот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се огледува во начинот на гласање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и јасно е изразен нашиот став со позитивното гласање за интерпелација со 61 глас со кој што се бара одговорност за работата е доволно јасно искажан став“, вели Горан Лефков.
„И да не е правно обврзувачки, во најмала рака е морално сомнително некој да може да остане и понатаму да ја извршува таа функција. За нас колешката Даути повеќе не може да биде претседател на оваа Комисија“, вели Бобан Карапејовски.
За Илире Даути со 61 глас За во петокот и беше изгласана интерпелација за нејзината работа како претседател на Комисијата за социјална политика. Иницијативата ја поднесе Левица.
