Ќе нема реконструкција на „Монструм“ – Рауфи: Мотивот на убиството се уште енигма

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкција на случајот Монструм нема да има. Вака одлучи Кривичен суд со образложение дека местото на настанот е веќе изменето. Меѓутоа одбраната инсистира на тоа, бидејќи како што велат, кодираниот сведок лажел во својот исказ дека ги видел на местото на настанот обвинетите за петкратното убиство.

„7 пати побаравме и 7 пати судот одби, ќе бараме уште 70 пати да има реконструкција на случајот што е повеќе од потребно. Потребно е бидејќи практично се докажува дека кодираниот сведок не ја кажувал вистината. Судот со образложение дека местото е изменето, изменето е за да не се најдат трагите и да се спречи реконструкцијата. Без разлика на конфигурацијата на местото, нас не’ интересира изјавата на која неколку пати ја даде кодираниот сведок и не’ интересира растојанието меѓу него и лицата кои ги обвинува дека ги видел таму.“, вели адвокатот Рауфи.

Мотивот за петкратното убиство се уште е непознат, вели адвокатот на одбраната, Насер Рауфи иако кога се случило убиството било оценето како убиство со радикални исламистички мотиви.

Денеска за Монструм сведочеше и еден припадник на МВР од Секторот за криминологија, Ислам Зекири. Тој сведочел за неговите постапки што ги презел на местото на настанот кога се случило петкратното убиство.

„Околу 23.00 часот, Горан Милошовски ме повика да се обратам до полициската станица во Чаир да се екипираме за на местото на настанот. Ми рече дека станува збор за голем случај и треба поголема екипа. Јас бев ангажиран за осветлување на теренот и означување на броевите. Таму останавме додека се раздени. Отидов дома, одморив малку и истиот ден ме повикаа повторно на местото на настанот. Подоцна на работа слушнав дека на местото на настанот било најдено нешто дополнително, но не знам за што стануваше збор.“, изјави Зекири.

Следното рочиште е закажано за 28 јануари. Али Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Хазири, Хаки Хазири и Сами Љута, се осудени на доживотен затвор за случајот Монструм, под обвинение дека го извршиле петкратното убиство кај Смилковското езеро.