Еден по еден стануваат познати ресорите кои ќе ги добие Алијанса за Албанците со влегувањето во Влада. Две министерски места, еден вицепремиер, двајца заменици-министри, два секретаријата, 10-тина дирекции и неколку заменици-директори, ќе ѝ припаднат на партијата на Таравари. Ова се само дел од функциите, а има уште неколку управи во рамките на градови, дознава ТВ21 од внатрепартиски извори.
-Министерство за здравство
-Министерство за правда
-Еден вицепремиер
-МЕПСО
-Просветен инспекторат
-Пошта
-Фонд за пензиско и инвалидско осигурување
-Агенција за управување со одземен имот
-Железници
-Неколку подрачни управи и во рамките на градовите
-Помошници-директори во рамките на секторите на Царина и УЈП
-Заменик-министер во земјоделство и одбрана
-Двајца државни секретари, како и застапеност во полиција
Повеќето од овие функции досега ѝ припаѓаа на Алтернатива, која влезе во Владата пред една година, а сега преминуваат во рацете на АА. Поради тоа, партијата на Гаши почна да ја разгледува можноста да ја напушти владината коалиција. Засега нема одлука, вели секретарот на Алтернатива и министер за здравство, Беким Сали.
„Немаме некоја конкретна понуда од владините партнери и досега не сме имале никаква комуникација со претставниците на АА во врска со нивниот интерес да станат дел од парламентарното мнозинство. Така што, останува во иднина да имаме комуникација и да видиме кои ќе бидат нивните и нашите позиции во идната Влада, секако доколку евентуално решиме да останаме и понатаму. Со оглед на тоа дека немаме ништо конкретно на маса, не можам да коментирам“, вели Беким Сали.
СДСМ и Алтернатива разговараат за евентуалното останување или заминување на партијата на Гаши од мнозинството. Премиерот, Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе се обиде да ги убеди да останат во владината коалиција.
Од Алијанса за Албанците велат дека во текот на денот се очекува да го финализираат договорот. Потоа ќе го достават до Централното раководство на партиите, по што деталите ќе бидат изнесени пред јавноста. Партијата на Таравари не открива детали во однос на ресорите што се очекува да ги добие.
