Како случувањата поврзани со Артан Груби, ќе се одразат врз односите на коалициските партнери во Европскиот фронт, откако тој најнапред беше ставен на американската црна листа, потоа отворањето на обвинение против него за случајот проневера на Државна лотарија со што тој заврши како бегалец за кого е распишана меѓународна потерница. Може ли ова да предизвика сериозен потрес во коалицијата. Елми Азири потпретседател на Алијанса за Албанците која е дел од Европскиот фронт во Дејли клик на ТВ21 рече дека сето ова остава дамка на коалицијата, но дека не влијае на каузата на фронтот.
ТВ21: Дали размисливте дали да останете во Фронтот или не, после овие случувања?
Азири: Не, бидејќи немаме преместување на каузите, немаме некоја активност што е во спротивност со нашите објективи и цели што сме ги дефинирале како Европски фронт. „Обвинението„ е индивидуална, со име и презиме, така што верувам дека, ниту е разговарано, и не мислам дека индивидуалната судбина на било кого од нас, би влијаел во функционирањето на Европскиот фронт.
Во меѓувреме, продолжуваат партиските препукувања и обвинувања за тоа кој е виновен за бегството на Груби. Од СДСМ директно го посочуваат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека за виновен бидејќи како што тврдат полицајците кои што го пропуштиле Груби на границата со Косово биле негов личен избор. Не станува збор за пропуст туку за координирана акција за пуштање на Груби да побегне, обвинуваат од опозициската партија и бараат оставка од Тошковски.
-Она што денес ќе го откриеме ќе отвори сериозен сомнеж дека не станува збор за пропуст, туку за координирана акција за пуштање на Груби. Ова е скандал од епски размери за кој Тошковки мора итно да излезе и да ја каже вистината, а потоа да си поднесе оставка. Човекот кој го има пропуштено Груби е негов личен избор за таа позиција. Го прашуваме Тошковски, дали е вистина дека токму од причини за да може да врши вакви дејствија Б.Ј е поставен на оваа позиција? – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак го обвинуваат СДСМ дека тие за време на нивното владеење знаеле за криминалите на Груби но не реагирале за, како што велат, да не падне Владата.
–МВР под капата на СДС знаеле за криминалот на Груби. Со години немало никаква реакција од институциите под капа на СДС, затоа што раководството на таа партија сакало да остане на власт по секоја цена. И Венко Филипче знаел дека Груби е корумпиран, но не презел ништо. ВМРО-ДПМНЕ со години зборува за криминалот на Груби, но СДС дозволија тој да метастазира до невидени размери. СДС се целосно виновни за грабежот кој го приреди Груби, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Артан Груби во неделата ја напуштил земјава на граничниот премин Долно Блаце иако требал да биде задржан бидејќи за него имало мерка „задржи и веднаш извести“. МВР против четворица полициски службеници презел дисциплински мерки од кои еден од нив е суспендиран.
