Во работната група каде ќе се разговара за вметнување на Бугарите во Уставот, ќе се разговара и за укинување на 20% како дефиниција за Албанците. Ова ќе го предложи АА која ќе го искористи случајот за такво нешто да се направи заедно со вметнување на Бугарите во Уставот.
„Да, ќе предложиме замена на 20% и правилно именување на албанскиот јазик во Уставот. Ја поздравуваме изјавата на претседателот Пендаровски кој го поддржа нашиот предлог и ги покануваме и другите партии да го следат примерот, да се придржуваат на јавните ветувања,да дојдат во работните групи и да ја коригираме еднаш засекогаш оваа неправда“, велат од Алијанса за Албанците.
Но што мисли за овој предлог на коалициониот партнер, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него единствена дилема е моментот кога да се побара оваа измена, додава дека треба да се внимава албанското прашање да не го искористи некој за блокирање на евроинтеграциите на земјава.
„Јас не велам политичките партии дека не треба да ги постават сите теми во комисијата, туку таму да дебатираме, таму да разговараме доколку сметаме дека може, еве јас со две раце давам поддршка, но доколку гледаме дека ова може да се злоупотреби, тогаш треба да бидеме внимателни како ќе го претставиме интересот на нашата заедница“, вели Бујар Османи.
Лидерот на Беса, Биљал Касами во Клик Плус зборуваше за укинувањето на 20% но не смета дека е потребно да испрати претставник во работната група каде ќе се дебатира за уставните измени.
„Доколку има такво разбирање од опозицијата да ги поддржат уставните измени и вметнување на бугарската заедница во Уставот, ние очекуваме од другата страна таква поддршка и од албанските и од македонските партии за конечно дефиницијата 20% која е потценувачка да се отстрани од Уставот“, вели Биљал Касами.
Ниту Алтернатива не испраќа претставници за уставните измени. Од оваа партија велат дека не може да има работа група за подготвување уставни измени без да има политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на истите.
„Доколку некој сака да ја види Алтернатива како дел од овие дебати, прво треба да понуди реална можност за политички консензус и второ, на дневен ред да биде предлог амандманот на Алтернатива за борба против политичката корупција“, додаваат од Алтернатива.
Според министерот Османи, партиите кои имаат идеја за уставните измени и не учествуваат во работната група, тоа го прават само за политички поени.
„Доколку имаат ставови а не се дел од комисијата, тие не сакаат уставни измени, тие сакаат партиска пропаганда за собирање политички пеони бидејќи немаат како поинаку да го објаснат ова. Јас сакам уставни измени, меѓутоа не сакам да бидам дел од платформа која е составена за уставните измени, тоа е демагогија парекселанс и мислам дека граѓаните многу лесно го дешифрираат ова прашање“, додаде Бујар Османи.
За претседателот Стево пендаровски, прифатливо да се отстрани 20% како дефиниција за албанскиот јазик од Уставот. Тој рече дека прв би поддржал такво нешто, дури постави и прашање зошто нечиј етнички идентитет да се крие зад бројки?
