Ќе се исполнат потребните препораки – рокот истекува, статусот на Охрид во УНЕСКО, загрозен?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Септември е месецот кога Советот на УНЕСКО во Кина ќе го одржи 45-от состанок и ќе одлучи дали природното и културното наследство на Охридскиот регион ќе се најде на листата на загрозено светско наследство.

Има 19 препораки кои мора да се исполнат, а кои се дадени уште од времето кога Охридскиот регион е ставен на списокот на светско наследство во 1979/1980 година.

Една од најважните и загрижувачки препораки се градбите покрај Охридското Езеро кои мора да исполнуваат некои основни услови, но оваа препорака речиси никогаш не е исполнета, напротив од година во година станува се поотежната.

Друга загриженост беше излевањето на отпадните води во Охридското Езеро и другиот штетен отпад, на што и денеска се жалат активистите и граѓаните.

Во Охрид минатата година беа уништени само неколку платформи изградени на Охридското Езеро, но не и градбите кои се на поблиску од 500 метри од брегот на езерото.

Охриѓани се скептични за задржување на статусот на УНЕСКО, велат дека има уште многу да се сработи.

На исто мислење се и активистите кои со години се занимаваат со оваа проблематика. Никола Киселинов вели дека не знаат што содржи извештајот што Министерството за култура го достави до УНЕСКО пред неколку недели, туку вели дека на терен работите воопшто не се придвижени.

Зоран Павлов, директор на Управата за заштита на културното наследство во рамки на Министерството за култура, вели дека има подобрување, но вели дека не треба да застанеме тука со работа и да го чекаме септември и одлуката на УНЕСКО.

„Зачувувањето на вредностите не е заради препораките, тоа е за сите нас, за пренесување на наследството со сета своја исклучителност на идните генерации. Она што државата и надлежните институции согласно своите кадровски капацитети го прават е во насока на исполнување на препораките наведени во Извештаите на советодавните тела на УНЕСКО и подобрување на состојбата со наследството“, вели Зоран Павлов.

Но активистите сметаат дека состојбата е влошена и не е подобрена и речиси секоја година станува се потешка.

Зоран Павлов го потврдува фактот дека работите на терен не се на задоволителното ниво, туку вели дека препораките кои се побарани да се исполнат уште во 1980 година не можат да се исполнат за неколку години. Тој дури вели дека несовпаѓањата во законските уредби, често пати е пречка за реализација или доцнење на некои активности.

„Генерално, не можеме да кажеме дека не напредуваме. Во никој случај не смееме да заборавиме дека природното и културното наследство во Охридскиот регион е впишано на Листата на светско наследство од 1979/1980 година и она што е направено во периодот до 2017 година (кога се првите 19 препораки од Реактивната мониторинг мисија во 2017 година) не е можно да се поправи во само неколку години“, додава Зоран Павлов.

Најголемата одговорност за оваа мисија им припаѓа на градоначалниците. Актуелниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков не сакаше да ја коментира ситуацијата. Од неговиот кабинет ни рекоа дека следниве недели ќе се одржи прес конференција на која Пецаков ќе се произнесе за медиумите.

Со оваа сторија ТВ 21 се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“.