Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утре до Собранието ќе достави предлог за измени на Законот за Влада за околу 9 точки од кои едната се однесува на укинување на техничката влада пред избори. Тие ја повикуваат власта да ги поддржат измените заедно со барањето за предвремени парламентарни избори, а за ова ги повикаа и помалите партии прифаќајќи го нивното барање за една изборна единица. Од СДСМ со став дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се неискрени, но остануваат на тоа дека предвремени избори не прифаќаат.
„Тоа е партијата која што во изминатиот период ги блокираше предлог измените во Изборниот законик, во однос на една изборна единица со околу 3 илјади амандмани а деновиве гледаме дека тоа е партијата која што со притисоци и со закани и со уцени се обидува да врши притисок и врз помалите партии кои што се во коалиција со СДСМ. СДСМ уште еднаш повторува дека е против предвремени парламентарни избори и сметаме дека оваа Влада ќе биде Влада до 2024 година.“, изјави Кузеска.
Од албанските политички партии со различен став околу предлогот за укинување техничка влада. Побаравме став од ДУИ, но тие не одговорија на нашето барање за коментар. Од Алтернатива велат дека начелно се уште немаат изградено партиски став но сметаат дека нема да има никаков проблем доколку таа се укине.
„Мислиме дека нема да има никаков проблем да ја нема техничката влада, со оглед на тоа дека веќе има мнозинство повеќе од доволно, а од друга страна тоа начело беше кое сепак не користеше многу на добри избори. Секогаш сме имале техничка влада и секогаш на избори сме имале превара, измама и манипулација на изборниот систем. Затоа мислам дека тој начин на контрола на изборен систем треба да биде поинаков а не преку техничка влада, меѓутоа крајната одлука ќе ја донесат органите на партијата.“, изјави Скендер Реџепи.
Од Алијанса за Албанците велат дека се уште ги немаат видено какви измени предлагаат од ВМРО-ДПМНЕ, но и тие бараат предвремени парламентарни избори.
„Ние се уште чекаме да видиме официјално што е тоа што го предлага ВМРО-ДПМНЕ, па потоа ќе се изјасниме каков е нашиот став. Но остануваме на ставот дека бараме да се формира техничка влада за одржување на предвремени парламентарни избори“, велат од Алијанса за Албанците.
За барањето на помалите политички партии за една изборна единица и отворени листи дел се за, дел се против овој предлог.
„Верувам дека една изборна единица би била прифатлива за сите со фактот дека секоја политичка партија ќе има достап во секој дел од државата. Околу прагот може да се дебатира, меѓутоа една изборна единица би била многу поздрава за демократијата и за сите граѓани на државата.“, изјави Скендер Реџепи.
Алијанса за Албанците прифаќа да има отворени листи, но се против тоа да има една изборна единица.
„Ние начелно сме за отворени листи бидејќи тоа значи и демократизација на самите партии, но не сме за тоа да има една изборна единица туку осум изборни единици. Нашиот аргумент за тоа е што постојат осум економски развојни региони во земјава.“, велат од Алијанса.
Спроведувањето на изборите по моделот на Пржинската или таканаречената техничка влада беше договорен меѓу партии во 2016 година. Таа предвидува на 100 дена пред изборите да се назначи технички премиер од владејачката партија а опозицијата да ги преземе министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала како и три дополнителни заменици министри.
