Од 15 ноември задолжителна зимска опрема во возилата, казната е 45 евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Возачите во Македонија имаат уште еден месец да ја подготват зимската опрема за своите возила. Од 15 ноември 2026 година стапува во сила законската обврска за задолжително поседување пропишана зимска опрема во моторните возила и мобилните машини, која ќе важи до 15 март следната година.

За непочитување на правилата предвидена е глоба од 45 евра во денарска противвредност, како и регистрирање 25 негативни бодови, согласно Законот за безбедност на патниот сообраќај.

Според законските одредби и Правилникот за задолжителна зимска опрема, возилата со најголема дозволена маса до 3.500 килограми треба да имаат зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарата од четири милиметри.

Како алтернатива, дозволено е користење летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, доколку во возилото има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

За возилата со погон на сите четири тркала (4х4), правилата се поинакви. Тие треба да имаат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Доколку се користат летни пневматици со шара од најмалку четири милиметри, задолжителни се и синџири за снег – најмалку за задната осовина кај возилата со постојан погон на сите тркала или за погонските тркала кај возилата со преклоплив погон.

Кај моторните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Доколку возилото има летни пневматици со шара од најмалку четири милиметри, треба да поседува синџири за снег соодветни на големината на пневматиците.

Автобусите и товарните возила кај кои не постои можност за поставување синџири на тркалата задолжително треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, како и прирачен алат.

Надлежните потсетуваат дека соодветната зимска опрема е важна за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено при снег, мраз и ниски температури.