Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ќе анализираат,а Владата ќе одлучи дали ќе се зголеми старосната граница за пензионирање. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска тврди дека иако се разгледуваат можни решенија, владата за сега нема донесено одлука за било каква пензиска реформа. Ќе се чека документот од меѓународните институции.
-Тие сега побараа да направат една анализа, ние се согласивме. Ќе прават анализа на пензискиот фонд и ќе дадат одредени препораки, што не значи дека нели треба да бидат дефинитивно прифатени од страна на владата. Се согласивме ќе работат на такво нешто, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.
-Јас не сакам да пејудицирам однапред, ама веројатноста дека ќе кажат да го зголемиме прагот, старосната граница нели за пензионирање е очекувано нешто. Дали владата ќе го прифати или не ќе видиме, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.
Кочоска вели она што е загрижувачки е лошата демографска слика, стареењето на населението тренд кој е присутен и во Европа. Но нејзин личен став е дека дека не треба да се зголеми старосната граница за пензионирање, туку да се остави право на избор.
-Во однос на старосната граница лично сметам дека треба да се остави како право на избор. Да си останат годините, да се даде можност за оние кои што сакаат да си продолжат, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.
-Има граѓани кои што работат во потешки услови, верувам дека многу така очекуваат и се надеваат дека ќе си се пензионираат согласно постоечкиот закон, а има и такви на кои што им е лесна многу работата, или полесна во однос на овие другите и тие сигурно би работеле и до 70 години и до 71,72, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.
Пензиската реформа повторно стана актуелна тема во јавноста откако ревизорите утврдија дека се продлабочува дупката во ПИОМ, а Фондот должи за здравствено осигурување на пензионерите, но и не ги префрла редовно парите во Вториот пензиски столб. Кочоска тврди дека за годинава се обезбедени над 300 милиони евра кои од првиот треба да се префрлат во вториот пензиски фонд.
Но, не се продлабочува само дупката во ПИОМ. Со зголемува и дефицитот во државната каса. До крајот на годинава ќе има ново задолжување на странски пазар.Колкава ќе биде сумата допрва ќе се утврдува.
Кочоска на отчетот за двегодишното работење на Министерството за финансии рече дека јавниот долг во првиот квартал од годинава изнесува 58,9 проценти од БДП и дека Владата води поинаква политика – задолжувањето оди во инвестиции, а не во потрошувачка.
