Ќе троши ли Македонија повеќе пари за одбраната? Рубио бара од НАТО членките 5% од БДП

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе троши ли Македонија повеќе средства за одбраната? Прашањето стана актуелно откако американскиот државен секретар Марко Рубио побара НАТО-членките да постават нова цел – односно, секоја земја во следната деценија да троши 5% од БДП за одбраната. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека Македонија е подготвена за предизвици и ваквата идеја е во фаза на дискусија, но до НАТО Самитот кон крајот на јуни, земјите членки ќе изнајдат компромис.

„Нема никаква дилема, и ние како држава сме покажале, со достигнувањето на минималниот праг од 2% дека сме подготвени за нови предизвици и има очекувања дека ќе постигнеме консензус, а сите инцијативи коишто ги предводат САД, земји како Франција, Германија, господинот Руте како генерален секретар, ние како одговорна членка на Алијансата да, ќе ги поддржиме.“, изјави Муцунски.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски се пофали дека Македонија одамна ја има постигнато актуелната цел за 2% од БДП трошоци за одбраната, за разлика од други членки на НАТО. Но, тој појаснува дека не постои услов за да се прифатат 5-те проценти, туку дека поентата е двата процента да бидат минимум, а не плафон.

„Ние имаме веќе повеќе од 2,5% и во годините коишто следуваат, со проектите коишто ќе ги реализираме во модернизација на Армијата, но и инфраструктурните проекти, тие трошења ќе растат.“, рече Мицкоски.

Американскиот претседател Доналд Трамп честопати посочуваше дека САД даваат неправедна сума во Алијансата во споредба со другите членки, а и од Берлин пристигна став дека го поддржуваат барањето на Трамп членките да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП. Финалното решение ќе се донесе на Самитот на 24 јуни во Холандија.