Деновиве во статистките на Министерството за здравство е забележан значителен пораст на бројот на заразени со Ковид-19. Бројките ќе раснат уште повеќе, а пикот се очекува кон крајот на овој или почеток на следниот месец, вели инфектологот Фадиљ Цана. Тој додава дека зголемувањето на бројот на позитивни случаи е резултат на новогодишните празници поради непочитување на мерките за заштита од коронавирус.
-Сведоци сме дека изминативе денови имаме висок број на заразени од Ковид-19. Имајќи ги предвид новогодишните и претстојните празници, бројот на заразени се очекува да го достигне пикот кон крајот на овој или почеток на следниот месец, вели инфектологот Фадиљ Цана.
Но, дали 2022 ќе биде обележана со крај на пандемијата? Дел од експертите од областа се оптимисти дека годинава пандемијата ќе владее во помали размери или ќе заврши целосно, но, Цана вели дека тоа зависи исклучиво од еволуција на самиот вирус.
-Зависно од еволуцијата на вирусот ќе биде и крајот на пандемијата. Не значи дека најновиот сој Омикрон ќе биде сој кој нема да донесе некој нов сој. Се очекува покрај омикрон да имаме и нов сој. Доколку со наредните соеви можат да се заразат и лицата кои веќе го прележале Ковид-19, тогаш не можеме да бидеме оптимисти дека наскоро ќе го видиме крајот на пандемијата, вели Цана.
И покрај растот на бројот на ковид-случаи, во земјава се потврдени и над 30 случаи на омикрон и флурон, кој е комбинација на грип и коронавирус. Според најновите статистички податоци на МЗ, во земјава има над 8.000 активни случаи.
