Кејот на Вардар добива модерен лик: Реконструирани фудбалски и баскет терени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје добива ново уреден спортски комплекс на кејот на реката Вардар, кој денеска официјално е пуштен во употреба. Обновените терени беа презентирани од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски.

Како што информира Ѓорѓиевски, со овој проект кејот добива нова функција и станува простор наменет за спорт, рекреација и дружење, со цел да се врати животот покрај реката. Тој нагласи дека уредувањето на кејот е еден од приоритетите на градската администрација и дека веднаш по преземањето на функцијата започнале активности за чистење и уредување на просторот.

Во рамки на проектот се реконструирани спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, поставена е нова урбана опрема и се предвидуваат современи фитнес-зони на отворено. Според најавите, просторот ќе биде прилагоден за различни возрасни групи и ќе понуди услови за секојдневна рекреација.

Дополнително, во проектот се вклучени и спортските терени во Маџир Маало, кои ќе бидат целосно обновени и повторно ставени во функција на граѓаните. Предвидено е и уредување на современа градска плажа, која треба да претставува ново уредено катче за одмор и спорт покрај реката.

Градоначалникот истакна дека вложувањето во спортска инфраструктура е вложување во здрави навики и подобар квалитет на живот за граѓаните, додавајќи дека соработката со Министерството за спорт е клучна за реализација на вакви проекти.

Според најавите од градските власти, ова е дел од поширока визија за рамномерен развој на Скопје и создавање модерни, функционални и достапни јавни простори.