Кичево, депонијата продолжува да ги „труе“ граѓаните – Јовановски вети решение во првите 3 месеци, но досега без резултат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дивата депонија во градот Кичево и натаму е на истото место, иако за време на предизборната кампања, на Александар Јовановски, нејзината дислокација беше меѓу трите приоритетни проекти.

За време на кампањата, тој повеќепати го повторуваше ова ветување во различни медиуми, изјавувајќи дека депонијата ќе биде целосно отстранета во првите три месеци од мандатот, при што нагласи дека проектот за тоа веќе бил подготвен.

„Имаме претоварна станица за отпад во центарот на градот и во овој дел населението се труе не само од миризбата, туку и од хемикалиите и алергиите. Така што мој врвен проект е да ја отстранам од таму, имам решение, имаме изработен проект и знаеме каде ќе ја дислоцираме за да ги ослободиме граѓаните од токсичните ефекти“, изјави Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.

Но, иако поминаа речиси пет месеци, депонијата сè уште е на истото место и сè уште не е објавен никаков конкретен проект, како што вети градоначалникот Јовановски. Во моментов, отпадот само се транспортира и се носи во депонијата Русино.

„Што се однесува до отпадот, направивме договор и моментално отпадот од таа дива депонија што се наоѓа во градот, две третини го исчистивме со средствата што ги имаме, бидејќи мора да го платиме транспортот до регионалната депонија во Гостивар. Не можеме да фрламе отпад на друго место, а тука уште помалку. Но, за жал, капацитетот, а и граѓаните создаваат сè повеќе отпад – од 84 до 100 тони дневно се собираат од градот. Така што со сите можни капацитети го носиме во Гостивар, сепак мислам дека тоа не е доволно“, изјави Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.

Еден од трите главни проекти на градоначалникот на Општина Кичево беше и третманот на бездомните кучиња, преку изградба на стационар. Сепак, и за овој проект сè уште нема конкретно решение.