Собранието на Македонија демантира дека на пратениците и вработените им плаќа приватно здравствено осигурување. Во демантот од Собранието се наведува дека информациите објавени во дел од медиумите се неточни и манипулативни.
Според Собранието, станува збор за систематски и превентивни здравствени прегледи, кои работодавачот е законски обврзан да ги обезбеди најмалку еднаш во 24 месеци.
Од Собранието појаснуваат дека постапката за јавна набавка се однесува на конкретни здравствени услуги, а не на полиси за приватно здравствено осигурување.
Оттаму додаваат дека ваквите здравствени прегледи не се нова практика и дека слични постапки биле спроведувани и во претходните години.
Собранието ги повика медиумите кои ги објавиле спорните информации да ги коригираат написите и да го објават демантот.
