Маја Кадиевска-Војновиќ ќе биде новиот македонски претставник во Светска банка во Вашингтон, дознава „Фактор“. Поранешната вицегувернерка на Народната банка ќе биде испратена како македонски кадар за помошник во Канцеларијата на извршниот директор и претставник на македонската конституенца во Светска банка.
Според информациите на „Фактор“, номинацијата на македонскиот советник ја прават државните институции, односно Министерството за финансии и Владата, согласно договорената ротација во рамките на конституенцата. По номинацијата, ангажманот се реализира во институциите на Светска банка во Вашингтон.
Кадиевска-Војновиќ е долгогодишен економски и финансиски експерт. Од 2011 до 2018 година ја извршуваше функцијата вицегувернерка на Народната банка.
Во тој период била задолжена за Секторот за операции на финансиските пазари и платните системи, а раководела и со Комитетот за инвестирање на девизните резерви и Комитетот за управување со актива и пасива.
Таа била и активен член на Комитетот за оперативна монетарна политика, со што била директно вклучена во креирањето и спроведувањето на монетарната политика во земјата.
Ангажманот во Светска банка во Вашингтон претставува продолжување на нејзината професионална кариера во меѓународните финансиски институции и дополнителна можност Македонија да биде претставувана од искусен економски кадар.
„Фактор“ ја објави информацијата за новиот македонски кадар во Светска банка, а официјалните детали околу ангажманот и почетокот на функцијата се очекува да бидат дополнително потврдени.
