Кичевските пожарникари месецов со шест интервенции на три помали пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработените од Територијалната противпожарна единица од Кичево во текот на август имале шест интервенции, од кои три се пожари од помали размери што се во целост изгаснати.

-Од почетокот на месецов нашата единица бележи шест интервенции од кои три се на помали шумски пожари, додека преостанатите три интервенции се на депонии и ѓубришта. Трите пожари избувнаа во близина на селата Србјани, Кнежино и Црвивци, а гореше сува трева и деградирана шума кај село Кнежино. Пожарите целосно ги ликвидиравме во нивниот зачеток со што оневозможивме да дојде до нивно проширување на поголем простор, информира командирот Горан Соколески.

Тој апелираше месното население да не пали оган во близина на шумата и да не се фрлаат опушоци од цигари или догорчиња на места каде што може да се појави пожар. Ги повика доколу забележат било каков оган до шумата, итно да се обратат до надлежните органи за да може навремено да се интервенира, зашто, како што рече, поради сушата и топлото време, за час огнот може да се прошири на поголема површина.

Во општината сите институции редовно се координираат за да може полесно да се следи состојбата на целиот терен. Според површините под шуми, Кичевскиот регион е најбогат во земјава и располага со 58.000 хектари.  Засега поголеми пожари го заобиколуваат овој регион.