Кинезите имаат уште 2 месеци рок за Кичево-Охрид – Бочварски: „Синохидро“ има рок и простор за да продолжи со работата на терен

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Кинеската компанија „Синохидро“ има уште два месеци рок за да ги заврши работите на автопатот Кичево – Охрид, работи кои не беа завршени 10 години. До крајот на 2023 година компанијата има простор за теренска работа, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Не се знае дали ќе се случи некое чудо и кинезите ќе го завршат автопатот за 2 месеци, но премиерот Димитар Ковачевски се сомнева во способноста на компанијата тоа да го постигне.

Но, никој не дава одговор зошто биле потребни 10 години да се постават овие прашања. Според премиерот, но и министерот за транспорт и врски, анализата на ФИДИК експертите ќе ги даде одговорите на сите доцнења и во која насока треба да се насочи државата за завршување на овој проект.

Инаку, работите за изградба на автопатот Кичево – Охрид започнаа во февруари 2014 година, во владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а требаше да завршат до 2018 година. Со доаѓањето на Владата на СДСМ, рокот за изградба се одложи до 30 јуни 2021 година и потоа рокот повторно беше одложен за уште две години, односно до крајот на 2023 година.

Според првичните проценки, изградбата на автопатот од Кичево до Охрид во должина од 57 километри требаше да чини 374 милиони евра, но по бројните дополнителни анекси сега достигна двојно поголема сума, некаде над 600 милиони евра.