Кирил Петков: Уште во текот на овој месец ќе одам во Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Вчерашното заседание на Консултативниот совет за национална безбедност што го свика претседателот на Бугарија, Румен Радев, претставуваше навремена и корисна дискусија, оцени денеска бугарскиот премиер Кирил Петков, најавувајќи дека уште во текот на овој месец ќе ја посети земјава.

Според Петков, заседанието на Советот покажало дека сите негови учесници имаат заедничка цел – надминување на застојот во односите на Бугарија со Република Северна Македонија и давање нов почеток во стремежот кон добрососедство.

Петков, кој се наоѓа во изолација поради контакт со лице заболено од Ковид-19, во видео обраќање, најави дека бугарската Влада ќе почне да работи на имплементација на програмата во различни области, додавајќи дека „во центарот на неговите напори ќе бидат правата на Бугарите во Македонија“.

– Уште во текот на овој месец ќе одам во Република Северна Македонија. Прво, затоа што нам ни е редот и второ, затоа што преку конструктивен дијалог можеме да направиме многу повеќе од се она што е направено во последните неколку години, изјави Петков во обраќањето, кое  го завршува со зборовите „заедно можеме повеќе“.

Прес-службата на бугарската Влада денеска информира дека Петков и шефицата на неговиот кабинет Лена Бориславова ќе бидат во самоизолација во наредните денови поради контакт со заразен од корона вирусот, па затоа неговата посета на земјава планирана за 18 јануари се одложува и наместо него бугарската владина делегација што ќе допатува во Скопје ќе ја предводи вицепремиерката Калина Константинова.