Нафтата повторно над 100 долари за барел поради стравувањата од ескалација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нафтениот пазар повторно е под силен притисок поради зголемените ризици за глобалното снабдување со енергенси. Цената на нафтата во четвртокот повторно го надмина прагот од 100 долари за барел, откако новите случувања во војната со Иран ги зголемија стравувањата од нарушување на транспортот низ Ормускиот Теснец.

Нафтата „брент“ поскапе за повеќе од два проценти и се искачи над 102 долари за барел, додека американската WTI се приближи до 90 долари.

Причина за новиот раст се нападите врз танкери во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец, но и информациите дека Вашингтон разгледува можност за дополнителни воени удари врз Иран.

Во меѓувреме, бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец значително е намален. Според податоците, на 6 октомври низ овој важен коридор поминале само седум товарни бродови, што е најниско ниво во повеќе од два месеца. Протокот на сурова нафта се намалил на околу 10,1 милиони барели дневно.

Ормускиот Теснец има клучно значење за глобалниот енергетски пазар. Пред почетокот на војната, низ него минувала приближно една петтина од светската трговија со нафта, поради што секое нарушување на пловидбата создава директен притисок врз цените на светските пазари.

Дополнителен фактор за растот на цените е и ураганот Исајас во Мексиканскиот Залив. Поради невремето, производителите привремено прекинале повеќе од 500.000 барели дневно производство.

Меѓународната агенција за енергетика најави забрзано ослободување на нафта од стратешките резерви, со посебен фокус на дизелот, со цел да се ублажат последиците од нарушувањата во снабдувањето.

Повисоките цени на нафтата, сепак, повторно ги отвораат и инфлаторните ризици. Поскапувањето на енергенсите ги зголемува трошоците за транспорт, производство и енергија, што може дополнително да ја отежне борбата на централните банки со инфлацијата.

Неизвесноста се одрази и на финансиските пазари. Берзите во Азија забележаа пад, откако претходно во минус тргувањето го завршија и главните американски берзански индекси.

Дополнителен ризик претставува можноста за нова воена ескалација. Според американски медиуми, Белата куќа побарала од Пентагон да ги разгледа можните опции за дополнителни напади врз цели во Иран.

Засега нема договор меѓу САД и Иран кој би овозможил прекин на војната и целосно нормализирање на пловидбата низ Ормускиот Теснец.

Додека безбедноста на танкерите останува неизвесна, геополитичките ризици повторно се вградени во цената на нафтата. Тоа значи дека секое ново заострување на ситуацијата на Блискиот Исток може брзо да предизвика нов скок на цените.