Во пресрет на светиот месец Рамазан, огранокот во Кичево на Хуманитарната организација „Класје на добрината“, подели над 200 пакети со храна во вредност од 2 до 6 илјади денари.
Пакетите беа наменети за семејствата кои тешко се справуваат со елементарните потреби за живот. Оваа организација неколку пати годишно организира вакви активности, со цел, како што велат, барем малку да им го олеснат секојдневието на овие луѓе.
„Денешната акција е акција која Хуманитарната организација „Класје на добрината“ ја организира секоја година во пресрет на месецот Рамазан и во текот на целиот месец. Целта е на семејствата кои имаат потреба од помош да им го олесниме барем малку ифтарот и суфурот, за и тие како и другите да уживаат во овие моменти и посреќно да го поминат месецот Рамазан“, истакна претседателот на „Класје на добрината“, Муамет Мехмеди.
Голем број доброволци од ова здружение се активираа за да им помогнат на луѓето. Понекогаш работат и по цел ден, за, како што велат, да видат насмевка на лицата на овие семејства.
„Ние како активисти, со наша волја и желба се трудиме да ги исполниме начелата на ова здружение. Секоја година сме активни и излегуваме на терен, но гледајќи ги социјалните случаи и луѓето кои имаат потреба од помош, добиваме поголем мотив доброволно да ја завршиме оваа работа“, посочи еден од активистите.
Од „Класје на добрината“ велат дека кичевци се посебни кога станува збор за укажување помош, додавајќи дека секогаш наишле на нивна поддршка, и покрај состојбата која владее во земјава со Ковид-19.
