Ниската излезност на локалните избори е резултат на разочараноста на граѓаните од политичкиот систем и естаблишментот. Кај СДСМ и ДУИ може да се очекува засилен притисок за кадровски и политички промени. Кај ВМРО-ДПМНЕ ќе се потврди континуитетот на раководството и досегашните политики. А ВЛЕН има реална можност да се консолидира и да прерасне во сериозен политички бренд. Ова се главно ставовите на аналитичарите во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 за резултатите од локалните избори.
„Како се разочарува граѓанинот? Се разочарува од фактот што во Република Северна Македонија нема никаков анимозитет, ни политички ни етнички помеѓу граѓаните. Анимозитетот во оваа земја го произведуваат политичкиот естаблишмент. Било која да биде на власт“, изјави Ќенан Алиу, политички аналитичар.

Граѓаните, често гласаат под влијание на популарноста на партиите на власт. Таквите кандидати имаат двојно поголема одговорност, бидејќи граѓаните им ја дале поддршката врз основа на довербата во партијата – потенцираше Спасеноски.
„Во моментот кога вие сте избрани на нова функција, а сте нов истиот момент завршува медениот месец со граѓаните. Врвот на медениот месец со граѓаните е на дента кога е прогласена вашата победа. Веќе следниот ден,следното утро имате нов тип на насочени граѓани. Тие веќе не ви аплаудираат туку ве анализираат. Тие веќе не се восхитуваат од големината на вашата победа, туку бараат резултати“, изјави Александар Спасеноски.

За Андреј Петров, погрешно е локалните избори да се претвораат во „референдум“ за предвремени парламентарни избори.
„Мислам дека тоа е погрешна теза дека локалните избори треба да бидат некаков референдум, па заради тој референдум да се бараат потоа предвремени парламентарни избори за граѓаните да се изјаснуваат за сосема друга тема. Локалните избори се значаен сегмент на демократијата. Тие се можност граѓанинот да го избере човекот до кој многу полесно ќе дојде отколку до некој министер.“, изјави Петров.

Според Петров СДСМ „лошо минала“ на изборите. Секој обид да се каже дека тоа е добар резултат е погрешен – тоа е лош резултат- рече тој.
