Кочењето на ЕУ-процесите отвораат нови опасности – Заев за српски Курир вели дека проблемот со Бугарија сега не може да се реши

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Различните нон-пејпери за решавање на косовскиот проблем ме загрижуваат, бидејќи на Балканот не се зараснати сите рани, изјави во интервју за белградски „Курир“ премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека секогаш кога Европската унија ги кочи евроинтегративните процеси се појавуваат нон-пејпери и радикални идеи со цртање на нови граници на регионот.

Запрашан дали е загрижен за најавите за голема Албанија вели, дека решението за ова е, секоја земја да влезе во ЕУ.

„Никогаш не можам да кажам Не со сигурност, но тоа би било тешко во Северна Македонија бидејќи сме членка на НАТО и со секоја закана за нашата територија и интегритет би се активирал членот 5 од Договорот со НАТО. Сепак не можам да кажам конечно Не, затоа што дефинитивно не знаете до каде некој тоа може да го испровоцира. И затоа решението е секоја земја да влезе во ЕУ“, истакна Зоран Заев.

Околу проблемот со Бугарија и блокадата на почетокот на преговорите со ЕУ, Заев рече дека постои решение за се, но треба да се избере вистинскиот момент.

„Кога на Балканот има избори, тоа се тешки моменти, тешко се решаваат проблемите, а избори сега имаше во Бугарија. Се разбираме исто како и со Србија, зборуваме слични јазици и верувам дека ќе најдеме разумно решение“, додава Заев.

За состојбите во регионот и блокадата на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија во интервју за МИА говори и Јоргос Катругалос поранешен шеф на грчката дипломатија. За односите Скопје – Софија и бугарското вето очекува дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат храброста за справување со проблемите.

„Обврските за добрососедските односи ги сносат секако земјите кандидати, но ги сносат и самите земји членки на Европската унија. Сакам да се надевам дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и Македонија“, порача Јоргос Катругалос.

Катругалос во врска со нон-пејперот вели дека тоа е многу опасно, дека Балканот и натаму останува буре барут со жаришта кои се познати.