„Кога ги гасите уметниците – ја гасите светлината“ – Протест на работниците во Културата пред Уставниот суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Под мотото „Кога ги гасите уметниците – ја гасите светлината“, Синдикатот на културата организираше протест пред Уставниот суд. Работниците во културата се против постапката за оценување на уставноста на Колективниот договор. Претседателката на СКРМ Вера Атанасовска изјави дека колективниот договор за култура не е привилегија, не е бројка во буџетот, туку договор што ги штити основните работни права на луѓето што создаваат култура.

„Ако колективниот договор за култура падне во овој суд, тоа нема да биде изолиран случај, тоа ќе биде почеток на падот на сите колективни договори. Денес овде се отвора пат, секој колективен договор што дава поголеми права од законските или уредува права што не се развиени, може да биде доведен во прашање утре. Одлуката што ќе се донесе овде може да стане преседан, знак дека секој договор е ранлив“, вели Вера Атанасовска.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов изјави дека ако падне колективниот договор во културата, сите нивни плати од највисоката до најниската ќе одат на минимална плата.

„Ова не е борба само за вашите колективни договори, бидејќи ако тие укинат или поништат колективен договор, тогаш треба да бидете на минимална плата и да вратите пари во буџетот, што можеби е цел на поединци“, порача Слободан Трендафилов.

Уставниот суд реагираше во врска со протестот, појаснувајќи дека во моментов е отворена постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на еден член од Законот за култура. Од Судот нагласуваат дека ова е втора фаза од постапката и дека сè уште нема конечна одлука за оспорените акти.

„Судот постапува исклучиво во рамките на своите уставни надлежности и одлучува за уставно-правни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во овој контекст, предмет на разгледување не се работата, значењето или придонесот на уметниците и работниците во културата, ниту нивниот статус или приходи. Важно е јасно да се направи разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на вработените во културата“, велат од Уставниот суд.

Инаку, Уставниот суд започна постапка за оценување на Колективниот договор за култура по иницијатива поднесена од адвокатот Томислав Стефков, а по сопствена иницијатива започна постапка и за член 78 од Законот за култура.