Во текот на изборната кампања, новата градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска вети бесплатен јавен превоз, но граѓаните сѐ уште не добија ништо од ова ветување! Веќе почна ретерирањето. Во гостување во емисија на Канал 5, таа говореше за реализација на фазите, објаснувајќи дека по завршувањето на првата фаза ќе бидат потребни 6 месеци за анализи, иако за време на кампањата рече дека анализите се веќе направени.
Во однос на ова тема, Арсовска прстот го впери кон директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, велејќи дека има автобуси кои не се ставени во функција и дека претпријатието има загуба од 12 милиони евра. Но, од ЈСП за ТВ21 велат дека ковид-пандемиајта им задала голем финансиски удар кој резултираат со загуба од 2,5 милиони евра.
„Пред сѐ, не е точно дека имаме загуби од 12 милиони евра, туку станува збор за 2,5 милиони евра, што стои и во деветмесечниот извештај за работењето на ЈСП во период јануари-септември 2021 година. Загубите не се од вчера, ниту пак се резултат на моето/нашето наводно недомаќинско работење. Отворен сум за соработка и да дадам отчет за секој еден потрошен денар“, велат од ЈСП Скопје.
Арсовска рече дека скопјани преку референдум ќе изберат која е најдобрата опција како решение за јавниот превоз – дали го сакаат проектот предложен од претходниот градоначалник Шилегов за брз автобуски превоз (БРТ) или пак ќе се одлучат за нејзиниот предлог за 250 еколошки автобуси. ТВ21 ги праша граѓаните што би било најдобро за нив.
Арсовска вели дека претходниот состав на општината, за БРТ планирал да потроши 70 милиони евра без одобрение на градскиот Совет и без да ги консултира граѓаните. БРТ системот, познат како „автобуско метро“ беше еден од клучните проекти што ги објави и почна претходниот менаџмент на градот под раководство на Петре Шилегов.
