Кога ќе се изберат уставните судии? – Сè уште нема договор кој ќе седне на трите испразнети фотелји

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако ставена на дневен ред собраниската Комисија за избори и именувања ја одложи точката за избор на уставни судии.

Според неофицијални информации, засега се уште нема договор меѓу политичките партии околу изборот на тројцата судии кои треба да седнат на местото на судиите Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски чии мандати им завршија на 1 јуни.

Иако се уште неофицијално, еден од кандидатите е актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој денеска изјави дека доколку го предложат тој ќе ја прифати функцијата судија на Уставен суд. Но, колку е сигурен Јовески дека ќе оди во Уставен покажува и неговата изјава дека кога ќе се испразни неговото место треба да се распише оглас.

„Јас и претходно нагласив дека тоа е работа на Собранието, таму не се пријавува за место судија на Уставниот суд. Доколку Комисијата и Собранието проценат дека јас можам успешно да ја извршувам оваа функција јас најавив дека ќе ја прифатам таа функција. Но, сето тоа е во рацете на пратениците и од друга страна, веќе знаете Законот за јавно обвинителство е донесен, пропишани се таму критериумите кои што треба да ги исполнува јавниот обвинител на Република Северна Македонија и има соодветна постапка во која што Собранието во таков случај кога ќе се испразни местото на јавен обвинител распишува оглас“, истакна Љубомир Јовески.