Американскиот заменик државен секретар Габриел Ескобар вели дека Македонија и Албанија како пакет заслужуваат да ги започнат преговорите со Европската унија.
„САД се убедени дека Албанија и С. Македонија направија важни реформи. Тие значајно ја придвижија нивната кандидатура. Преземаа огромни политички чекори, некои од нив многу болни, и заслужуваат да ја започнат меѓувладината конференција што е можно поскоро, се надевам годинава. И се надеваме дека сите европски земји – членки го сфаќаат стратешкото значење да се дозволи тие да го започнат овој процес, и се надевам дека ЕУ, како индивидуални земји-членки, и како организација ја разбираат стратешката вредност на Балканот и неговата интеграција во Европа“, истакна Габриел Ескобар.
Со оптимизам на проширувањето на ЕУ гледа и известувачот за Северна Македонија Илхан Ќучук кој во емисијата „10 минути“ на ТВ21 рече дека треба да почне дијалог меѓу двете земји.
„Јас мислам дека има можност да почне дијалог кој ќе биде на едно ново ниво. Долги месеци бевме на многу ниска точка во односите и за тоа има виновници од двете страни. Сметам дека има можност, а и во политиката никогаш не треба да се стави точка, туку секогаш треба да се става запирка, уште во повеќе во дипломатијата. Да се побара секоја една можност до крајот на годината, за да биде направено ова важно решение и за двете држави“, посочи Илхан Ќучук.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис испрати јасна порака дека Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на европската перспектива на Македонија.
„Не. Не ја поддржуваме Бугарија. Сметаме дека е непотребна компликација, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на ЕУ-перспективата на Македонија“, вели Кирјакос Мицотакис.
Во исто време вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров од Стразбур, каде имаше специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа, порача дека ниту една земја не може да ни каже или диктира кој е нашиот идентитет и кој јазик го зборуваме, бидејќи не е добрососедство, ако тоа му се прави на својот сосед.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Вархеји оваа седмица го посетија Скопје. Фон дер Лајен изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на годинава. Вархеји, пак, вчера на Твитер напиша дека со премиерот Зоран Заев разговарале како да го придвижат напред процесот на проширување преку отворање преговори со Македонија и со Албанија.
