Кој ќе го наследи Коцевски?! Советот на јавни обвинители денеска бира в.д републички обвинител

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советот на јавни обвинители денеска на седница треба да определи вршител на должноста јавен обвинител откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во вторникот си поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција. Седницата Советот на јавни обвинители е закажана во 11 часот.

Вчера претседателот на Советот Башким Бесими за ТВ21 кажа дека писмото е добиено и дека седницата ќе биде закажана.

„Почнати се процедурите, нѝ дојде писмото и сега следува седница за избор на в.д. државен јавен обвинител“, изјави Бесими.

Вршителот на должност се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, а се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Должноста ќе ја извршува до именување на нов државн јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Јавни обвинители во Јавното обвинителство на РСМ се Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.

Љупчо Коцевски во средата, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување, на прес-конференција објави дека поднел неотповиклива оставка на функцијата
Советот на јавни обвинители е должен да ги подготви образложените позитивни или негативни мислења во писмена форма во рок од 15 дена.

Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Доколку и по овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Во случај Советот на јавни обвинители да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас.