Оставката на премиерот Зоран Заев сè уште не е стигната до Собранието, велат од Кабинетот на претседателот Талат Џафери.
„Немаме добиено уште ништо од Влада“, велат од кабинетот на Претседателот на Собрание, Талат Џафери.
Неофицијално, сè уште траат консултациите со партиите во врска со тоа кој би можел да го замени Заев на премиерската позиција. Во јавноста почна да се калкулира со неколку имиња, но нема ништо официјално.
Партиите од владејачката коалиција вчера излегоа со став дека тие не се согласуваат со оставката на Заев, по вчерашната средба со него во Владата. Од ДУИ, Беса, ДПА, но и од помалите македонски партии излегоа со став дека треба да се продолжат реформите и политиките кои ги започна Владата. Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат Заев да ја достави оставката до Собранието.
„Зоран Заев повторно блефираше и остана на фејсбук оставка, но не ја достави со допис до парламентот. Оттука се гледа дека оставката на Заев е иста како и оставката на Филипче. Ја поднесе за да не биде прифатена“, посочи Драган Ковачки.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по победата во неделата најави дека ќе има и ново мнозинство и предвремени парламентарни избори. Драган Ковачки од Извршниот комитет на партијата како да се повлекува од најавата за ново мнозинство.
„Ние ќе се обидеме да формираме ново парламентарно мнозинство, меѓутоа со оглед дека тоа доколку го формираме би било кревко и прашање е на неговата функционалност, нашиот став е дека најдобро би било да се оди на предвремени парламентарни избори“, истакна Драган Ковачки.
И градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус рече дека се можни предвремени избори, но дури по една година.
„Сметам дека следните парламентарни избори нема да бидат покасно од октомври 2022, може и порано. Реков најдоцна во октомври 2022, можат да се организираат и во мај, јуни, не знам, јас реков најкасно. ДУИ и СДСМ веќе немаат кредибилност“, вели Арбен Таравари.
Премиерот Заев оставката и на премиерската и на лидерската позиција на СДСМ ја соопшти во неделата по изборите. Тој треба својата оставка како премиер да ја достави во писмена форма до Собранието, а потоа течат роковите во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за состав на влада на онаа партија која го има мнозинството во парламентот.
