Кој ќе остане во идната Влада? Шекеринска и Филипче заминуваат, се очекува смена на најмалку четворица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заминувањето на Зоран Заев од челната позиција и на СДСМ и на Владата, предизвика и  низа повлекувања но и смена на дел од министрите од редовите на оваа партија. Премиерот Заев, најверојатно во среда до Собранието ќе ја поднесе оставката на премиерската функција.

„Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така да ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја домесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието“, вели премиерот во оставка.

По ова, во оставка ќе биде целата Влада а идниот владин кабинет се очекува да го состави новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски. Според она што досега беше и официјално најавено во него повеќе нема да биде министерот за здравство Венко Филипче кој вчера од Охрид ја потврди ваквата одлука, а вчера своето заминување го обзнани и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која уште во мај годинава се откажа и од партиските функции. Од она што пак неофицијално се дознава од Владата заминуваат и вицепремиерот за борба со корупција Љупчо Николовски, кој најверојатно нема повеќе да биде ниту генерален секретар на СДСМ. Во идниот состав најверојатно нема да бидат ниту вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, како и министрите за правда Бојан Маричиќ и за образование Мила Царовска. Засега неизвесно останува што ќе се случи со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој според неофицијални информации заминува од оваа позиција. Сепак во неговото интервју за државната агенција МИА тој не навестува такво нешто. Вели дека е очекува мудри одлуки кој ќе биде дел од раководството за, како што вели, да се продолжи уште посилно. 

„Кадровските решенија ги прават органите на партијата. Значи претседателот, Централниот одбор на партијата ќе ги донесат конечните одлуки за тоа кој ќе биде дел од таа нова Влада и во тој дел апсолутно, личното мое размислување, позиционирање, не е важно. За мене е важно како ќе се поставиме како партија и како ќе се поставиме како луѓе кои што ќе се одговорни за водењето на државата и на граѓаните“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Идната недела треба да се одржи и седница на Централниот одбор на СДСМ на која треба да се избере и новото раководство на СДСМ по што ќе биде познато и кои ќе бидат идните потпретседателите, како и генералниот секретар на партијата.