Кој му намести „замка“ на Димитриевски? Градоначалникот на Куманово со кривична пријава против МВР и Бухова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кривична пријава против директорката на Санитарниот и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова и разгледување на кривичната пријава што МВР ја покрена против него. Ова се двата идни чекори на Димитриевски против институциите кои го тужеа и го обвинија дека го прекршил Кривичниот законик. Според него МВР сакало да го оцрни монтирајќи му кривична пријава, која според него е неоснована.

На прашањето кон кого го вперува прстот, Димитриевски јасно кажа дека се сомнева во раководството на МВР но не го спомна името на министерот Наќе Чулев. Тој бара да се спроведе внатрешна контрола во МВР за да се потврдат неправилностите во кои се сомнева.

Директорката на Санитарниот инспекторат, Бухова за ТВ21 рече дека се уште не е запознаена дека Димитриевски поднел кривична пријава против неа. Не сакаше да даде изјава и рече дека не сака да коментира ништо. И од техничкиот министер за внатрешни работи не добивме одговор иако неколку пати го побаравме телефонски.

Инаку Основното јавно обвинителство Куманово ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот и претседателот на Центарот за управување со кризи Куманово, за кривично дело непочитување на здравствените правила од член 206, став 1 од Кривичниот законик. Обвиненијата следеа откако Димитриевски доби позитивен резултат на Ковид-19 и требаше да остане во домашна изолација, а тој излезе да се тестира во две приватни болници каде доби негативен резултат.