Кој од АА ќе биде во владиниот кабинет? – На местото на Сали и Тупанчевски доаѓаат Меџити и Лога

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците одлучи да влезе во Влада! Веќе се одредени ресорите со кои ќе раководи нивен кадар.

„Значи две министерства се сигурни – за здравство и за правда, а третиот ресор ќе биде или вицепремиер за економски прашања или МИОА. Замениците-министри кои ќе ѝ припаднат на АА се заменик-министер за одбрана и земјоделство“, вели Арбен Таравари.

Но, кој ќе раководи со овие ресори?

Неофицијално ТВ21 дознава дека министерот за здравство, Беким Сали ќе биде заменет со Фатмир Меџити, министерот за правда, Никола Тупанчевски со Кренар Лога, а на местото на заменикот-министер за одбрана, Башким Асани се очекува да дојде Тирон Јајага.

Иљми Азири од АА ќе биде вицепремиер за економија, но оваа опција е во игра само доколку Алтернатива остане во Влада. Доколку излезе, АА наместо оваа функција, ќе го добие Министерството за информатичко општество и администрација.

Неофицијалните информации велат дека Министерството за животна средина со кое раководи ДУИ, ќе премине во рацете на СДСМ. Социјалдемократите положуваат голема надеж во Алијанса за Албанците. Велат дека со новиот партнер ќе се борат против корупцијата и за владеењето на правото.

Влегувањето на АА во Влада се очекува да придонесе за постабилно парламентарно мнозинство, а главното ветување на партијата на Таравари е дека ќе помогнат за европскиот пат на земјава, давајќи поддршка за уставните измени и борејќи се против корупцијата.