Дали висок полициски функционер на СДСМ менувал извештаи за случаи за кои постојат кривични пријави. Ова прашање во Клик Плус на ТВ 21 го постави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Конкретно во емисијата, Мицкоски изнесе информации за менување на изјави по кривични пријави од страна на висок функционер во МВР и тоа за компании и лица поврзани со ископ во РЕК Битола.
„Дали висок полициски функционер на СДСМ менувал кривична пријава и извештај кон таа кривична пријава за компании и лица поврзани со ископ во РЕК Битола… Се споменуваат имиња кои што се дел роднински врски поврзани со премиерот Зоран Заев.“, рече Мицкоски.
Првиот човек во полицијата Оливер Спасовски вели дека лично не се пронаоѓа во исказите на Мицкоски
„Прво апсолутно не можам лично да се пронајдам во изјавите кои се искажани. Јас само би апелирал, сите аргументи, документи кои ги има да бидат предадени на истражните органи и да се утврди за тоа, кој, што и дали нешто направил. И за тоа ќе мора да има одговорност… Знаете нема амнестија или нема не водење на одредена постапка или истрага за тоа што некој бил на некоја позиција во МВР.“, изјави Спасовски.
Министерот за внатрешни потенцира дека мора да постојат и докази за ваквите искази, оти како што рече полицијата не смее да биде институција преку која ќе се кршат политички копја на дневно-политичка основа. Мицковски во емисијата Клик Плус ги повика надлежните институции, конкретно Обвинителството, да постапи по доставените докази. Потенцира дека Обвинителството досега не постапило по тие пријави.
„Ако кажат дека е така, во ред, ако кажат дека не е така, тогаш повторно во ред .Тука сме ние како ВМРО ДПМНЕ да дадеме одговор, затоа што јавноста заслужува одговор… А јас после емисијата ќе ви доставам и на кои дати била поднесена таа кривична пријава и во кој период била менувана истата“, рече Мицкоски.
ТВ 21 прашањето го проследи и до Обвинителството, од каде очекуваме официјален допис. Но, неофицијално ни беше одговорено дека за ваквите одговори е потребно време, затоа што во евиденцијата на Обвинителството предметите не се запишуваат описно туку се евидентираат по име на подносителот и кривично дело.
