На прагот на изборната кампања, политичките партии ги креираат нивните платформи и услови како и можните коалиции по изборите. Иако се зависи од бројот на пратеници, политичките партии секако имаат услови за коалицирање. Во гостување во Клик Плус, Кастриот Реџепи од коалицијата ВРЕДИ рече дека услов за формирање влада ќе биде прифаќање на нивните програмски одредби а затворена врата ќе има за секоја партија која е против евроинтеграцијата на земјава.
Реџепи е убеден во победа на изборите на 8 мај, а очекува ВРЕДИ да освои од 15 до 20 пратеници.
Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека во политиката, невозможното станува возможно но секако, тие не гледаат причина зошто треба да коалицираат со ДУИ.
Пратеникот Миле Талески од СДСМ, вели дека идната влада која според него ќе ја предводи СДСМ, ќе се базира на подобрување на социјалниот живот на граѓаните, покачување на платите, економска стабилност итн..
Пратеникот Реџепи ја искористи можноста да го праша Талески каде исчезна најавуваниот европски фронт меѓу СДСМ и ДУИ. Талески рече дека првично имало такви најави, но на крајот партиите оцениле поинаку.
Инаку што се однесува до условите за коалицирање, до сега сите албански политички партии, коалицирањето го условија со гаранција за продолжување на европскиот пат на земјава. Од македонските партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ исто така го посакуваат истото, но ВМРО и натаму не прифаќа уставни измени под, како што велат, бугарски диктат. Уставните измени се услов за повлекување на ветото од Бугарија и за продолжување на евроинтеграцијата на земјава во ЕУ.
