По денешното рочиште за предметот „Рекет“, адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев истакна дека имале можност да ги слушнат снимките од „Ла Верита“, а имаат забелешка за тоа оти овие докази не им биле дадени како на одбрана.
Тој посочува дека со тоа била отежната работата на одбраната на Јанева, и смета дека никаква автентичост не може да биде придадена на овие докази, затоа што очигледно се работи за снимки во кои има повеќе разговори.
Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски смета дека денешните разговори немале никаква врска со предметот затоа што во ниту еден момент не дознале кој, со кого и кога разговарал.
Тој посочи дека истите органи на исти ден дале различни дијагнози во врска со здравјето на Боки 13.
„Во едниот се вели дека не е готов патохистолошкиот наод, а веќе во другиот се вели дека нема никаков малигнитет. Во цел негов живот не е прегледан од 16 доктори, кој стигнал ставил печат“, појаснува тој.
Дуковски додава дека се дава друго светло кон овој предмет, а тоа е дека обвинетиот Јовановски мора да се држи во притвор по секоја цена.
