Колепката само симбол за новороденчињата, столарството во исчезнување, младите немаат интерес за занаети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нади Исмаили од Тетово веќе 40 години работи како столар. Тој е пред пензионирање, а неговиот занает е во исчезнување. Тој вели дека времето кога родителите доаѓале и ги носеле нивните деца на занает поминало и дека сега никој не пројавува интерес, почнувајќи од неговите деца кои се посветени на школувањето.

„Денешниве млади немаат интерес, а нема ни продажба како порано. Порано се продаваше, но сега воопшто, дршките за српови и тие се продаваа, а сега сите со трактори косат, само планинските села Вице, Гајре, но слабо. “, вели столарот Нади Исмаили.

Сега има интерес само за чифтелија (музички инструмент) и колепки, но пандемијата го погоди и овој занает поради откажување на свадбите.

„За чифтелија има интерес, за колепки има интерес, но порано се продаваа повеќе. Сега поради вирусот е многу лошо. Нема ниту свадби, печалбарите од Швајцарија и Германија не доаѓаат. Нема голема продажба, колку да извадиме парче леб“, рече Исмаили.

Но, и покрај тоа колепката останува симбол кај Албанците, со оглед на тоа што на секое новороденче му се купува по една било во Германија, било во Швајцарија.

„Повеќе купуваа колепки за во Германија, Швајцарија, ги пакуваат бидејќи таму нема, но и да има многу се поскапи, тука се поевтини. Ги купуваат од тука и ги испраќаат со автомобил или автобус.“, вели Исмаили.

Порано овој занает бил доста профитабилен. Секое домаќинство имало потреба за рачки за земјоделски алати, колепки или чифтелија, но како што вели Нади, продажбата значително опаднала, а со неговото излегување во пензија, како што се чини и на овој дуќан ќе му биде ставен клуч на врата.